Португалија рутински со Исланд, триумфот на Шпанија во сенка на повредата на Гави

Португалија рутински стигна до нов триумф за крај на квалификациите за ЕП 2024, откако селекцијата предводена од Кристијано Роналдо без проблеми славеше над Исланд со 2-0. Исландскиот бункер успеа да го запре Кристијано Роналдо да не се запише меѓу стрелците, но не беше доволно цврст за да ги неутрализира сите опасности. Бруно Фернандеш постигна прекрасен погодок од работ на шеснаесетникот за водство од 1-0, а на 2-0 во вториот дел зголеми Орта, кој натрча на одбиената топка по одбранетиот удар на Роналдо и ја смести во празната мрежа.

Шпанија победи со 3-1 над Грузија, но овие три бода остануваат во сенка на повредата на коленото што ја заработи Гави. Првите информации од шпанскиот табор говорат дека проблемот е сериозен, а Феран Торес по постигнатиот гол за водство од 2-1 истиот му го посвети на Гави, како уште еден предзнак дека повредата на 19-годишниот суперталент не е нималку наивна.

Саво Милошевиќ е чекор поблиску до експресен отказ од кормилото на БиХ откако на третиот меч како селектор го претрпе и третиот пораз, овојпат на домашен терен од Словачка со 1-2. Босанците први дојдоа во водство на почетокот од второто полувреме, но Словачка направи целосен резултатски пресврт и преку Боженик и Шатка стигна до нов триумф, како печат на успешните квалификации во кои беше обезбеден и билет за ЕП.

Најинтересно беше во Глазгов, каде Шкотска и Норвешка ремизираа 3-3. Норвежаните и без Халанд и Едегард одиграа одличен натпревар, слаба утеха за уште еден промашен квалификациски циклус во кој не беше обезбеден билет за учество на едно големо натпреварување.

Се вчитува...