Повреди во Евролигата: Миротиќ и Клајбурн на принуден одмор

Никола Миротиќ дојде како суперзасилување во Милано, но поранешниот ас на Барселона имаше сериозен пад во бројките на последните натпревари во Евролигата. Денеска беше обелоденета и причината за слабата форма, Миротиќ има воспаление на тетивата, поради што ќе мора да паузира извесно време.

На крилниот кошаркар му беше препорачано мирување во следните неколку дена, по што ќе бидат извршени нови прегледи и ќе биде утврдено колку поточно ќе изнесува неговата пауза од терените.

На принуден одмор мора да замине и крилниот кошаркар на Анадолу Ефес, Вил Клајбурн. Американецот го повреди мускулот во финишот од мечот со Црвена Звезда, а првите прогнози велат дека ќе мора да паузира најмалку две седмици. Ова е нов огромен проблем за тренерот на Ефес ако се знае дека повредени во овој тим се уште и Брајант, Плајс, Вилис и Жижиќ.

Се вчитува...