Прв пораз за Голден Стејт, Кари е шести најдобар тројкаш во историјата на НБА

Кошаркарите на Денвер забележаа значајна победа над НБА првакот, Голден Стејт, триумфирајќи тесно во пресметката во Колорадо со 100-98. За шампионот ова е прв сезонски пораз, додека Денвер на стартот од сезоната врзува серија од три победи.

Првото полувреме му припадна на Голден Стејт, во воведната четвртина имаше плус 12, додека на полувремето предноста се стопи на само плус два. Во третиот сегмент, Денвер ја презеде контролата и имаше плус 10 на стартот на решавачката последна четвртина. Во неа, „Воините“ ја топеа предноста, а во финишот можеа да дојдат до триумф или најмалку до продложение, но Хуан Ернангомез го изблокира шутот на Демијан Џоунс и го сочува триумфот на „Нагетс“.

Гери Харис со 28 поени беше најефикасен во победничкиот состав,  Никола Јокиќ имаше нова одлична партија, постигна 23 поени, имаше и 11 скока.

Стеф Кари со 30 поени беше лидер на листата стрелци кај Голден Стејт. Кевин Дурaнт запиша 20 поени и 11 скока. Кари на овој дуел се помести на листата најдобри тројкаши. Сега е на шестото место на вечната листа откако го помина Пол Пирс кој кариерата ја заврши со 2143 тројки.

 

 

Резултати НБА:

Кливленд – Атланта 111-133, Оклахома – Сакраменто 120-131, Денвер – Голден стејт 100-98, ЛА клиперс – Хјустон 115-112.

Се вчитува...