Прво интервју на Ериксен по срцевиот удар: Бев мртов пет минути, имав среќа што сум тука

Повеќе од еден милион луѓе ставија „лајк“ на слика на Кристијан Ериксен која ја постави на 15. јуни 2021 година од неговата соба во болницата. Неколку дена претходно доживеа срцев удар и колабираше на „Паркен“ на натпревар на Европско првенство.

Оттогаш данскиот репрезентативец не зборуваше, но денеска го даде првото интервју.

„Им се заблагодарувам на сите оние кои ги запознав низ оваа ситуација која поминував. Лекарите, играчите, репрезентацијата, семејството. Лично на нив им се заблагодарив, но и на сите кои ми испратија илјадници мејлови и писма за поддршка. Би сакал да се заблагодарам. Јас и моето семејство многу размислувавме“, рече Ериксен.

Тој рече дека срцевиот удар влијаел многу во односот со неговото семејство…

„Свесен сум дека сите плачеле кога го виделе тој настан, а јас сум среќен што сум тука денеска. Јас бев мртов пет минути. Поддршката после тоа беше многу посебна. Беше многу убаво тоа што луѓето посакуваа да закрепнам, и имаше многу добри желби. И натаму луѓето ми пишуваат“, вели Ериксен.

Тој денеска се чувствува добро и живее во Милано, со надеж дека ќе може повторно да заигра, а сега се рехабилитира играјќи си со своите деца.

„Благодарен сум на сите кои ми помогнаа. Прво дојдоа моите соиграчи. Потоа репрезентативните лекари кои со дефибрилатор ми помогнаа моето срце одново да чука“, рече Ерискен.

Целото интервју ќе биде емитувано во четврток. Документарниот филм „Кристијан Ериксен – мојата историја“ ќе биде емитуван во сабота.

Се вчитува...