Работнички го има лекот за Вардар, со два „пеницилина“ го смири шампионот

Работнички го совлада Вардар со 2-1 во првиот натпревар од 21.коло во Првата фудбалска лига на Македонија. „Романтичарите“ на самиот почеток го изненадија Вардар со головите на Себастијан Херера и на Виктор Ангелов, а „црвено-црните“ намалија преку Горан Попов во 79.минута.

Во завршницата „романтичарите“ играа и со играч помалку по исклучувањето на голманот Даниел Божиновски, но издржаа и стигнаа до првиот триумф во пролетниот дел од сезоната. За Вардар ова е уште еден голем чекор назад во трката за шампионската титула со Шкендија.

Уште на самиот старт од натпреварот, „романтичарите“ го нокаутираа шампионот. Во втората минута, Себастијан Херера со удар со глава успеа да го совлада Гачевски. Тоа секако беше голем шок за „вардарци“, кои уште можеби и не сфатија што се случува, а примија уште еден гол.

Во шестата минута, новото засилување на Работнички, Виктор Ангелов, покажа дека ќе биде од голема корист за составот на Горан Станковски и зголеми на 2-0. Тој со лизгачки старт успеа да ја протне топката зад грбот на Гачевски, и „романтичарите“ веќе имаа предност од два гола.

Чедомир Јаневски и вардарци немаа одговор за брзото водство на градскиот ривал. Се обидуваше Хуан Фелипе да креира, се закани Барсегјан, но шампионот не создаде стопроцентна можност пред голот на Божиновски.

Тренерот на Вардар ги уфрли Дејан Блажевски и Матеј Цветановски во навалниот ред од стартот на второто полувреме, неговиот тим тргна поофанзивно, но Работнички долго одолеваше на нападите. Во 79.минута, Горан Попов успеа да намали на 2-1 со удар со глава, откако Блажевски одлично го изведе корнерот од левата страна.

Голот им даде крилја на „црвено-црните“, па тргнаа и по израмнување. Во 84.минута, Хуан Фелипе се обиде од слободен удар, но Божиновски беше на вистинското место и го одбрани неговиот шут.

Две минути подоцна, голманот на Работнички, Даниел Божиновски, беше исклучен откако го оттурна Блажевски со рака во сопствениот шеснаесетник. Јасно е дека напаѓачот на

Вардар убаво одглуми, но судијата Александар Ставрев го оквалификува дуелот како удар без топка од Божиновски кон Блажевски.

Во игра влезе младиот Ристо Јанков на голот на Работнички, на местото на Андреј Лазаров, а „романтичарите“ издржаа и го сочуваа водството преточувајќи го во многу важен триумф.

Се вчитува...