Работнички во ситуација „од готово – вересија“: Спаси победа во Гостивар по продолжение!

Кошаркарите на Работнички се доведоа во ситуација „од готово-вересија“ на гостувањето против Гостивар во 2. коло од Првата македонска кошаркарска лига. Имаа пред стартот на последната четвртина дури 18 поени предност, а на крајот дозволија домашните да стигнат до продолжение кое, сепак, заврши со конечен триумф на тимот од Градски парк од 82-92

Пред последната четвртина Работнички имаше водство од 51-69. Но, гостиварци во последниот период за само седум минути успеаја да ја анулираат таа предност со неверојатна серија од 20-2. Па на крајот домашните стигна до 79-79 во регуларниот дел. Во продолжение повторно одлична игра на Работнички кој ги доби дополнителните пет минути со 3-13 за втор триумф на стартот од сезоната.

Балмазовиќ беше извонреден во таборот на скопјани со 26 поени и 8 скока, Питс постигна 15 поени а Младеновски заврши со 12 поени. Двоцифрен беше и Враговиќ со 11 постигнати поени. Кај домашните Тодоровиќ заврши со 17 поени.

Кошаркарите на Еуро никел, пак, славеа победа против ФМП Академија од 96-82.

Првиот и третиот период од играта, кои ги добија убедливо, пресудија за победа на домашните. И покрај обидите на ФМП во последната четвртина да се дојде до евентуален пресврт сето тоа беше неуспешно.

Најефикасен во победничкиот тим беше Казарновски со „дабл-дабл“ ефект од 19 поени и 10 скока, 17 поени запиша Караколев а по 16 поени дополнија Соколов и Петровски. Кај ФМП се издвоија Херис и Атанасов со 19 односно 18 постигнати поени.

Се вчитува...