Реал Мадрид демонстрираше моќ против Баерн, Виртус Болоња ја запре серијата на Басконија

Реал Мадрид во четиринаесеттиот меч од Евролигата ја забележа својата 13. победа, откако „кралевите“ вечерва славеа над Баерн Минхен со убедливи 88-73, за зацврстување на првото место на табелата. Баварците одлично парираа во првото полувреме, но Реал ја демонстрираше својата моќ во вториот дел од мечот, кога предводен од искусните Родригез и Љуљ успеа резултатски да се одлепи и да си го трасира патот до победата.

Љуљ беше прв стрелец со 16 поени, Кампацо го заврши мечот со 13 поени и скромни за него 3 асистенции, Хезоња постигна 12, а Серхио Родригез 11 поени за „кралскиот клуб“. Бонга со 15 поени беше најефикасен кај Баерн, каде разочара Ибака со само шест поени.

Триумфалната серија на Басконија беше прекината вечерва откако избраниците на Душко Ивановиќ загубија на домашен терен од Виртус Болоња со 81-91. Пресудно беше второто полувреме во кое Басконија прими дури 49 поени, а во преден план беше искусниот Белинели кој беше прв стрелец на победничкиот тим со 27 поени, пред Шенгелија со 16.

Макаби како домаќин во Белград славеше над Анадолу Ефес со 95-86. Гостите од Турција имаа предност на полувреме, но израелскиот гигант одигра извонредно во вторите 20 минути, направи пресврт и заслужено стигна до триумф. Браун со 21 поен беше прв стрелец на Макаби, одличен беше и Колсон со 19 поени и седум скокови, додека Томпсон со 22 поени беше најдобар поединец во таборот на Ефес, каде центарот Џонс оствари дабл-дабл од 12 поени и 16 скокови.

Се вчитува...