Репрезентативците на пат за Германија: Позитивно да се заврши мартовскиот собир

Македонската репрезентација утрово со чартер лет од 10 часот, од скопскиот аеродром, патува за Дизелдорф, блискиот град до Дуисбург, на последниот мартовски натпревар од квалификациите за СП 2022 против Германија.

Националниот тим, по убедливата победа против Лихтенштајн, верува дека може да дојде до ново позитивно издание против најголемиот фаворит за првото место во групата. Мотив за тоа постои, а и расположиви сили.

Од селекцијата единствено отпадна офанзивецот Илија Несторовски поради некоректниот потег при прославата на голот против Лихтенштајн, но во комбинација за настап се враќа Дарко Велковски кој се верува дека ќе биде подготвен за игра. Во првата минута се очекува да биде и еден од најдобрите македонски фудбалери, Аријан Адеми.

Натпреварот меѓу Германија и Македонија се игра утре со почеток од 20:45 часот на „МСВ-арената“ во Дуисбург.

Се вчитува...