Саша Ќириќ им порача на Германците: Не се плашиме, во Дуисбург ќе се игра на позитивен резултат

Легендата на македонскиот фудбал Саша Ќириќ во интервју за германски „Нордбајерн“ вели дека Македонија има квалитет комплетно да се надигрува со Германија на утрешниот натпревар во Дуисбург во третото коло од квалификациите за СП 2022.

„Ќе биде интересен натпревар, во секој случај. Игравме одлично, но загубивме 2-3 со Романија во Букурешт, бевме подобар тим, а потоа супериорно го победивме Лихтенштајн со 5-0 во Скопје. Ние често играме подобро против фаворити, големи фудбалски селекции, отколку против оние послабите. Со нас имаа проблем и Шпанија, и Италија, и Англија. Оние кои силно се бранат некогаш умеат да не намачат. Но, не се плашиме ниту од Германија. Оваа генерација има квалитет и ќе игра на добар резултат и во Германија“ – вели Ќириќ, издвојувајќи го и најдобриот македонски фудбалер.

„Се уште тимот е воден од најголемото фудбалско име во историјата, Горан Пандев. Тој беше избран неодамна и за Спортист на годината во Македонија, на 37 години, па може да замислите. Во неговиот роден град Струмица има и негов клуб со спортски центар и мини-стадион каде игра и неговиот помлад брат Сашко. Горан е едноставно икона“.

Ќириќ за германскиот медиум информира дека по натпреварот со Германија очекува повторно враќање во Фудбалската федерација на Македонија од каде има понуда.

„Јас бев четири години во ФФМ како директор на младата репрезентација. По Собранието на ФФМ неодамна потпретседателот на федерација ме контактираше дека сака да разговараме. Се чини дека сакаат повторно да се ангажирам во федерацијата. Ќе зборуваме по натпреварот со Германија. Секако дека постојат опции да се вратам во федерацијата. Договорот на селекторот на А-репрезентацијата му завршува во јуни, па се отвораат некои позиции за соработка и со актуелниот селектор на младата селекција, со кого сум добар пријател. Имав претходно и некои разговори со Нирнберг, но сега сум фокусиран само на разговорот со македонската фудбалска федерација“ – вели Ќириќ, меѓу другото за „Нордбајерн“.

Се вчитува...