Се гради иднината: Дури седум дебитанти во четирите меча во Лигата на Нации

Македонската фудбалска репрезентација одигра четири натпревари во Лигата на нации, и со победата над Гибралтар, и ремито на Грузија со Бугарија ги задржа шансите за првото место во групата. За такво нешто ќе треба да се победи Грузија на гости со над три разлика, или ако се триумфира со помалку, да се чека Гибралтар да не загуби со нив, а ние да ја победиме Бугарија.

Четири меча во десет дена е премногу. Распоредот беше таков што Благоја Милевски мораше да им дава шанса на сите фудбалери. Освен голманот Наумовски, останатите сите повикани за овие четири меча добија можност да играат во дресот со државниот грб. Така се појавија дури седум дебитанти низ овие четири меча.

Дејан Илиев го имаше својот прв настап. Застана меѓу диреците на дуелот со Гибралтар на гости, и на својот прв настап успеа да ја сочува мрежата. Свој прв настап имаше и Никола Серафимов. Тој играше на двата меча со Гибралтар, низ кои Македонија успеа да ја сочува мрежата.

Шанса за настап доби и фудбалерот на Академија Пандев, Бојан Димовски. Димовски влезе во вториот дел вчера против Гибралтар и го замени Езџјан Алиоски на левата крилна позиција. Прв настап имаше и Ваљон Етеми. Играчот на Истанбулспор исто така доби можност во вториот дел, а во финишот од средбата ја погоди и стативата. Енис Фазлагиќ исто така го имаше своето деби во средниот ред, како и Томче Гроздановски.

Доријан Бабунски дебитираше на средбата со Бугарија во Разград. Помалиот од браќата Бабунски сега собра три настапи, и низ тие три настапи забележа една асистенција.

Своја минутажа на овие натпревари доби и Тодор Тодороски, но неговото деби беше многу претходно, на дуелот со Ерменија на гости. Досега има четири настапи, но тој вчера покажа дека е адут плус за десната бековска позиција каде што неприкосновен е капитенот Стефан Ристовски.

Се вчитува...