Семејството не го пушта Иско да замине во Турција

Иско до пред неколку години важеше за еден од најпосакуваните фудбалери во Топ 5 лигите, но кариерата на поранешниот шпански репрезентативец забрзано се движи во надолна линија. Тој се пресели во Севилја, но ниту таму не се прослави премногу, па откако доби раскин на договорот се очекуваше како слободен играч да замине во Унион Берлин, но и тој трансфер пропадна во „пет до дванаесет“.

Преодниот рок заврши, но Иско може со слободен трансфер да замине во нов клуб, само што има еден голем проблем – ниту еден посериозен тим во Европа не испрати понуда за негов ангажман.

Единствениот тим со конкретна понуда по пропаднатиот трансфер во Унион Берлин бил турскиот прволигаш Коњаспор, кој веднаш добил негативен одговор.

„Точно е, преговаравме со Иско и можам да кажам дека парите не беа никаков проблем. Семејството на Иско не сака ни да чуе да живее во Турција, ниту пак да му дозволи тој самиот да дојде во нашата земја, а тие да останат во Шпанија. Тоа беше проблем што не можеше да биде надминат и затоа преговорите траеја толку кратко“, изјави потпретседателот на Коњаспор, Мехмет Акчан.

Се вчитува...