Серафимов: Не можеме да го преболиме поразот од Грузија, но уште можеме до првото место!

Централниот дефанзивец Никола Серафимов уште еднаш без грешка го одигра својот втор натпревар во дресот на македонската репрезентација. По своето деби на гостувањето во Гибралтар, сега Серафимов и целокупната дефанзива со уште еден натпревар без примен погодок.

Серафимов не го крие задоволството од високата победа од 4-0 против Гибралтарците, нагласувајќи дека останува горчината од претходниот пораз од Грузија, но знае дека оваа селекција на Македонија се додека постои и најмала шанса ќе се бори за првото место во групата кое би не однело до Лига Б во следната сезона од Лигата на нации.

„Одогравме еден навистина добар натпревар кој беше завршен уште во првото полувреме. Тоа беше целта и замислата за да се сочуваат силите на дел од фудбалерите, зашто некои одиграа и по три меча во континуитет. Па, во второто полувреме шанса добија и останатите и им честитам на тие што дебитираа во македонскиот дрес“ – вели Серафимов и дополнува:

„Добро е што остануваме во игра за првото место. Навистина на сите ни е многу мака што дозволивме да изгубиме еден таков меч на Арената со Грузија, но што е тоа е, одиме понатаму. Не можеме да го преболиме тој пораз од Грузија, но искрено верувам дека уште можеме да стигнеме до посакуваното прво место во групата. Селекторот потенцира дека е најважно да останеме како тим, тоа го покажавме денеска и знам дека ќе растеме од циклус во циклус“.

Македонија на 22. септември ја очекува одлучувачкиот натпревар во групата, гостувањето против Грузија во Тбилиси, а потоа на 26. септември во последното коло ја пречекува Бугарија на домашен терен.

Се вчитува...