Шкендија игра за двоцифрена предност над Вардар: Во Тетово гостува Академија Пандев

Актуелниот шампион Вардар вчера загуби (2-1) од Работнички во градското дерби, а тоа е шанса за лидерот Шкендија да побегне на двоцифрена бодовна предност и можеби да ги разреши сите дилеми околу трката за шампионската титула. Доколку тимот на Ќатип Османи денеска (14 часот) го совлада тимот на Академија Пандев, ќе им побегне 11 бода на „вардарци“ во трката за самиот врв. Иако има уште многу да се игра оваа пролет, се чини дека тоа ќе биде недостижна предност, ако се знае дека и Вардар воопшто не блеска и се соочува со големи внатрешни проблеми.

Тренерот Ќатип Османи не дозволува опуштање кај своите фудбалери и бара максимална концентрација.

„Не очекува нов тежок натпревар во првенството. Ни гостува тимот на Академија Пандев, кој е еден спој на младост и на искуство и не смееме да дозволиме никакво опуштање. Ние ги посакуваме трите бода на овој меч и ќе сториме се за да ги освоиме“, најавува шефот на стручниот штаб на Шкендија.

Силекс во Кратово го пречекува Пелистер, кој е дополнително мотивиран по победата над Работнички во минатото коло. Но, сега снегот би можел да направи проблеми, па дуелот на кратовци повторно да биде одложен.

Во Битола, Победа ќе го пречека тимот на Шкупи, додека Скопје ќе биде домаќин на Ренова.

ДВОЈКИ ПРВА ЛИГА, 21.КОЛО

ШКЕНДИЈА – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ

ПОБЕДА – ШКУПИ

СИЛЕКС – ПЕЛИСТЕР

СКОПЈЕ – РЕНОВА

ВЧЕРА: РАБОТНИЧКИ – ВАРДАР 2-1   

 

Се вчитува...