Соколов: Го знаеме „рецептот“ за победа над Пелистер, плеј-офот нека биде уживање за навивачите

Еуро Никел ќе има шанса да стигне до четвртата лигашка титула во своите витрини откако кавадаречкиот клуб го осигура своето место во плеј-офот. „Сино-белите“ имаа турболентна сезона исполнета со подеми и падови, но одговорија искусно кога беше најпотребно и го заверија своето место меѓу најдобрите четири тима.

По поразот од новлијата Феникс драстично се намалија шансите, но Еуро Никел одговори во најважниот натпревар на сезоната. Во „Кале“ славеше против незгодниот ТФТ и ја заврши својата задача.

„Пред почетокот на Суперлигата знаев дека нема да има лесен натпревар, екипите кои се во првата шесторка се доста квалитетни и дека може секој секого да изненади, што и се случи на доста натпревари. Ние игравме доста промениливо, тргнавме добро со две победи во првите три натпревари, а потоа некако како да се видовме прерано во плејофот. Потоа ни следеа четири порази по ред, поготово тој од Феникс во Скопје кој ги поремети нашите планови бидејќи со него ни се намалија шансите за влез во топ 4. Натпреварот со ТФТ во Скопје беше своевидно финале за нас бидејќи во тој момент со победа влегуваме во плејоф и тоа се случи. За среќа го одигравме нашиот најдобар натпревар до тогаш, ги совладавме и мислам дека сме заслужено на позицијата 3 пред разигрувањето“, вели за ЕКИПА, Дарко Соколов.

За противник во полуфиналето Еуро Никел ќе го има Пелситер со кој оваа сезона одигра четири натпревари, а доби само еден. Тоа е оној последниот во „Јасмин“ каде кавадарчани го заштитија рекетот, го исконтролираа скокот, а со тоа и поените во транзиција па славеа со 24 поени разлика.

„Нашиот противник во полуфиналето долго време во сезоната беше непобедлив за сите екипи, но дојде мал пад во нивната игра што воедно ги отсликува сите екипи. Тоа се виде последниот меѓусебен натпревар во Кавадарци каде доста лесно ги победивме, но тоа не е реалната слика за нивниот квалитет. Нашата предност би ја гледал доколку им ја сопреме нивната игра во транзиција каде доста трчаат и постигнуваат поени во хендикеп ситуации, како и играта „2 на 2“ која им е во 90 отсто од нападите. Доколку ги намалиме процентите на реализација во овие сегменти гледам шанса за победа“, додава искусниот бек.

Еуро Никел со просек од 29.7 години е најискусниот тим во плеј-офот, а во својот ростер има голем број на играчи со голем број плеј-оф натпревари. Дали истото ќе биде предност, можеби и пресуден фактор останува да видиме.

„Па можеби сме искусни по години и имаме доста натпревари одиграни во плеј-оф, но ќе влијаат и други фактори како моменталната желба и мотивираност за победа. Тука доаѓа до израз и подготвеноста на екипите бидејќи последниот месец буквално се игра на секои два до три дена. Во тактичниот дел мислам дека нема да има големи промени бидејќи одигравме по четири натпревари во сезоната и секој се знае за противникот. Ќе се трудиме да играме најдобро што знаеме и нека ужива публиката во салата и пред малите екрани“, завршува Соколов.

Се вчитува...