СПОРТСКИ ВРЕМЕПЛОВ: Светските шаховски великани играа во Македонија

Александар Алјехин е прв светски првак кој има одиграно симултанка во Скопје во далечната 1939 година

Пишува: Миодраг Мицковиќ

Македонија иако мала држава има богата шаховска традиција, нејзините љубители на оваа древна игра можат да се пофалат дека во својата средина имаа можност да видат и да нагостат дури девет светски шампиони што навистина не е мала работа.

Да се потсетиме дека Македонија беше домаќин на Шаховската олимпијада 1972 година, која се одржа во салите на Скопскиот саем, организатор на мошне силните турнири „Средба на солидарноста“ од 1967 па се до 1976 година кога победи Анатолиј Карпов. Љубителите на шахот во Македонија меѓу првите во светот во далечната 1967 година го видоа и го поздравија во својата средина, во тоа време американскиот тинејџер Роберт Боби Фишер, подоцна светскиот првак, шаховскиот гениј кој предизвика големо внимание играјќи на турнирот во Скопје, Крушево и Охрид на кој го освои првото место.

По него во Македонија гостуваа 1969 година Борис Спаски, Тигран Петросјан и Василиј Смислов, големи шаховски имиња. Но тука не е крајот. За време на Олимпијадата 1972 година престојуваа Михаил Таљ и Михаил Ботвиник кои одиграа повеке симултанки во неколкуте градови во нашата држава.

За време на Олимпијадата допатуваа многу познати шаховски имиња , кои беа дел од оваа најголема спортска манифестација одржана досега во Македонија, меѓу кои беше и претседателот на ФИДЕ Меѓународната шаховска федерација, поранешникот светски првак, д-р Макс Еве кој на молба на организаторите одигра неколку симултанки во Скопје кои беа одлично посетени.

Веќе спомнавме дека Скопје беше домаќин на силните турнири „Средба на солидарноста“, од 1967 па се до 1976 година но за жал оваа убава традиција беше прекината. На тие турнири покрај веќе спомнатите шахисти, играа и Американецот Семјуел Решевски, потоа познатите руски велемајстори Ефим Гелер, Лав Полугаевски, Васјуков, Холмов, Вагањан, Унгарецот Портиш, потоа во тоа време југословенските шаховски асови Глигориќ, Матановиќ, Матуловиќ, Германецот Улман.

Беа тоа навистина убави времиња кога Скопје беше центар на шаховскиот свет. Меѓутоа, за многумина љубители на шахот, особено од онаа помлада генерација, па дури и за онаа од средните години непознато е дека прв светски првак кој престојувал во Македонија и одиграл симултанка во Скопје бил советскиот велемајстор Александар Алјехин кој 17 години бил светски првак и кој по емигрирањето од Русија починал од срцев удар во португалскиот град Есторил каде живеел.

Многу малку податоци има за тридневниот престој на шаховскиот великан Александар Александрович Алјехин во Скопје во далечната 1939 година кога во тогашниот Офицерски дом, кој беше урнат за време на земјотресот 1963 година одиграл симултанка на 24 табли со тогашните најпознати личности во градот. Не е познат податокот и покрај сите обиди да дознаеме, на чија покана Алјехин допатувал во Скопје, сигурно еден од најпознатите шахисти, не само тогаш туку и денес за кого познатиот велемајстор Светозар Глигориќ во својата книга има напишано.„Алјехин ќе живее се додека се игра шахот“.

Единствено во монографијата, „40 години од изградбата на хидроцентралата Матка “има скромен текст за престојот на Алјехин во Скопје и неговата посета на клисурата Матка од чии убавини бил воодушевен и еден ден од тридневниот престој во Скопје го минал под дебелите сенки покрај реката Треска.

Според сеќавањата на тогашните инжинери кои учествувале во изградбата на хидроцентралата Матка, Алјехин дури изразил желба тука да изгради вила и во неа да престојува во одредени периоди од годината. Познато е дека Алјехин во Офицерскиот дом одиграл симултанка на 24 табли, на која забележал 21 победа, со две реми и еден пораз.

Познато е единствено дека Алјехин ремизирал со тогашниот управник на хидроцентралата инжинерот Панче Кратовалиев кој дипломирал во Кан во Франција. Од кого го претрпел единствениот пораз и кој е вториот што ремизирал со светскиот првак, тешко може да се дознае, многу време е минато од тогаш. Во Шаховската федерација нема никакви податоци за гостувањето на Алјехин, веројатно сите тие останале во урнатините на Офицерскиот дом по земјотресот, а пред него во поплавата 1962 година многу вредни книги и подагоци исто така беа уништени во тогашниот шаховски дом кој се наоѓаше кај поранешното училиште Гоце Делчев. Кој тогаш и да мисли на нив.

За време на престојот во Скопје Алјехин постојано бил во друштво со градоначалникот Јосип Михајловиќ, со познатите пајкомалци, д-р.Чохаџиќ, кој го има донесено првиот тениски рекет во Скопје, потоа и познатите доктори Ставридис, Каламарис и Рубен. Можеби некој од нив и играл на таа симултанка против светскиот првак, но тоа не е потврдено, барем таков официјален податок не успеавме да пронајдеме.

Кој беше и кога стана светски првак Александар Александрович Алјехин. Беше светски шамшион од 1927 до 1935 година и потоа од 1937 година кога ја врати загубената титула од Макс Еве па се до неговата смрт 1946 година. Во аналите на шахот, Алјехин беше четврти светски првак по Вилјем Штајниц, Емануел Ласкер и Раул Капабланка.

Роден е на 1 ноември 1892 година, во познато руско благородничко семејство. Во неговиот бурен живот имаше многу осцилации, преживеа три големи настани, Првата светска војна, Октомвриска револуција,потоа и Втората светска војна.Титулата светски првак ја има освоено на 19 ноември 1927 година кога во шест добиени партии го победи Раул Капабланка со 6:3. Ја загуби од Макс Еве,1935 година бидејќи беше премногу самоуверен, многу болно ги доживуваше поразите не беше свикнат да губи. Но, само две години подоцна, ја врати титулата совладувајки го Еве со 10:4

По многу недоразбирања со семејството, Алјехин ја напушти Русија 1921 година, живееше номадски живот, најпрвин во Франција каде докторил на Сорбона, а потоа и во Португалија. Откако ја напуштил Русија, никогаш ја немаше посетено, ниту пак се има видено со своето семејство. Меѓутоа, во неговиот живот се чуствуваше таа носталгија за Русија, алкохолот му беше прв сојузник и прв непријател. Без шише коњак никогаш не излегуваше од својата соба и сите тие победи, освоени титули не можеа да ја ублажат таа болка за Русија поради што се повеќе паѓаше во депресија за да конечно, биде пронајден мртов 1946 година во хотелската соба во Есторил, седејќи со отворени очи во фотелја. Пред него беше шаховската табла на која анализирал за последен пат некоја партија. Таа фотографија го обиколи светот.

Еден таков шаховски великан беше наш гостин и затоа заслужува да се напише за него, бидејки Александар Александрович Алјехин беше шахист кој ја одбележа играта на 64 полиња, мајстор над мајсторите.

Се вчитува...