Србија ќе игра на ракометниот мундијал, Словенците ќе гледаат на ТВ

Србија стигна до мундијалски билет за претстојното ракометно СП откако нашиот северен сосед и на реваншот беше подобар од Словенија. По оние 31-34 во Целје, Србите денеска во меч со далеку помалку голови славеа во Крагујевац со 23-20, за заслужен пласман на мундијалот и продлабочување на кризата во редовите на Словенија.

Србија имаше водство во голем дел од натпреварот, но гостите се вратија и на пет минути до крајот поведоа со 17-19. Сепак, тоа беше се што Словенија успеа да стори, домаќините предводени од одличниот голман Милосављев се вратија во водство и го добија и реваншот со идентични „плус три“ како и првиот меч на гостински терен. Дури десет различни ракометари се запишаа меѓу стрелците за Србија, а најефикасен беше Радивојевиќ со четири погодоци. Во таборот на Словенија прв стрелец при денешниот пораз беше Бомбач со шест постигнати гола.

Хрватска го запечати својот мундијалски билет со убедливата победа од 36-22 пред своите гледачи против Финска. Разликата во квалитет му овозможи на селекторот Хорват да им даде шанса на сите ракометари, а најмногу се истакнаа Мариќ со седум и Главаш со шест погодоци.

Исланд и на вториот меч беше подобар од Австрија, денеска пред своите гледачи во Рејкјавик со резултат 34-26 за пласман на СП 2023. Левото крило Елисон ги предводеше стрелците со осум погодоци, еден повеќе од Арон Палмарсон.

Унгарија славеше и на вториот дуел од двомечот со Израел, овојпат на домашен терен со убедливи 31-22. Шита и Анчин со по шест погодоци беа најефикасни во победничката селекција.

Се вчитува...