СТАТИСТИКА: Шпанија не губи полуфиналиња на ЕП, Италија нема пораз од 2018 година

Италија и Шпанија ќе ги одмерат силите вечерва на „Вембли“, во првиот полуфинален натпревар од ЕВРО 2020. Двете селекции се наоѓаат во извонредна форма, така што ќе биде многу интересно да се види чија серија ќе биде прекината на вечерашното полуфинале.

Италија цели 30 натпревари не знае за пораз, а „аѕурите“ со победата над Белгија во четвртфиналето поставија нов рекорд од 15 меча без пораз поврзани со европските шампионати (средби од квалификациите и од главниот турнир од ЕП). Роберто Манчини создаде фантастична машинерија, па Италијанците речиси три години се без пораз, последниот неуспех го претрпеа на 10 септември 2018 година, кога загубија од Португалија со 1-0 во Лигата на Нации.

Шпанија се наоѓа во серија од 12 меча без пораз, а интересен е податокот дека „црвената фурија“ никогаш нема загубено полуфинале од ЕП, славејќи во оваа фаза од шампионатите во 1964, 1984, 2008 и во 2012 година. На спротивната страна, Италија славеше на три од четирите полуфиналиња што „аѕурите“ ги имаат играно на европските првенства, губејќи единствено од СССР со 0-2 во 1988 година.

Италија и Шпанија се сретнаа и на последниот европски шампионат, и тоа во осминафиналето, кога „аѕурите“ славеа со 2-0 со головите на Кјелини и на Грацијално Пеле.

Последниот дуел на овие две селекции е во септември 2017 година, кога Шпанија на домашен терен славеше со 3-0, со погодоците на Иско (два) и на Алваро Мората.

Се вчитува...