„Стотка“ од Ангели за ФМП, но залудно – Кисела Вода од следната сезона со еден прволигаш

Ангели стигна до третата победа во последните пет меча откако славеше во соседскиот натпревар против Академија ФМП со 78-101, но и покрај големата победа остана без прволигашкиот состав со оглед на тоа што Кожув го доби гостувањето во Куманово со 66-73. Новалијата на четири кола пред крајот на сезоната заостанува четири победи зад 10. пласираните кумановци, има и полоша кош-разлика во меѓусебниот натпревар па следната сезона ќе мора да го трасираат патот во „елитата“ од Втората лига.

Избраниците на Митев беа убедливи во првата четвртина добивајќи ја со 18-30, но „академиците“ не дозволија гостите да продолжат со одличната игра во нападот. Ја зацврстија одбраната, го најдоа решението во нападот па веќе до полувремето поведоа со 45-43. Отварањето на второто полувреме продолжи во изедначено темпо за 68-67 по 30. минута игра, а гостите повторно блеснаа во последните десет минути, постигнаа 30 поени па славеа убедливо.

Леонид Тодоровски ја предводеше Академија ФМП со 20 поени и 6 скока, додека 19 поени и 9 асистенции додаде Кошанин. Со 25 поени и 3 украдени топки Дамјан Крстевски беше прво име кај гостите, а него го следеше Атанасов со 16 поени и 5 асистенции.

Убедливо од стартот започна и Кожув кој по првата четвртина во „Перо Наков“ имаше преднсот од 9-21, а истата ја зголеми на 21-45 на полувремето. Сепак гостите од Гевгелија не го задржаа ритамот и во второто полувреме. Куманово преку Марјановиќ, Андрејевиќ, Николиќ и Глигоријевиќ ја намали негативата на 50-61 пред последната четвртина, но во истата немаше сили за целосен камбек.

Петар Николиќ со 22 поени и 5 скока беше лидер на „сино-белите“, а него го следеше Марјановиќ со дабл-дабл од 14 поени и 11 скока. Декардо Деј и Унрух беа лидери на гостите со по 18 поени на кои додаоа и по 10 скока.

Во натпревар без резултатски императив Работнички славеше против МЗТ Скопје 2 со 87-69. Стефан Балмазовиќ беше енигма за младите „штркчиња“ со дабл-дабл од 30 поени и 15 скока, додека капитенот Марковски додаде 16 поени. За аеродромци 15 поени и 5 асистенции запиша Максим Митевски, додека 14 поени и 5 скока додаде Петровски.

Се вчитува...