Еразмус+ проектот „Играј одбојка, расти со неа“ организиран од ЦЕВ чијшто постојан партнер минатите две години е и Одбојкарската федерација на Македонија, кај нас повторно донесе детски насмевки и љубопитни погледи, како и учење низ игра, но овој пат не само за децата, туку и за одбојкарските тренери и за професорите по физичко воспитување. Можеби случајно, но секако симболично, на местото каде што македонската машка репрезентација неодамна обезбеди второ учество на европско првенство, салата „Борис Трајковски“ во Скопје, беше одржана работилница, а предавач беше Белгиецот Кристоф де Лус. Тренерот со светско реноме кога е во прашање работа со деца во почетна тренинг фаза, одржа предавање за 86 наши тренери и професори по физичко коишто имаа можност да научат специфични вежби токму за оваа возрасна категорија.
„Навистина ми е чест што сум овде. Кога вчера постирав фотографија на фејсбук, имав многу позитивни реакции. Убаво е да се види колку се вклучени тренерите. Во првата сесија децата беа навистина мотивирани, иако ова е поинаков вид тренинг и поинаков начин да се направи нешто, но значајно е да им се создаде нова инспирација на тренерите и на професорите во различни училишта. Сакав да им покажам како да тренираат со балони и со топка, тоа не се вежби за на натпревар и за некого се глупави вежби, но тоа е забавно да се работи. Тоа се трите цели, сакам да видам забава, насмевки кај децата, а тоа го постигнавме. Тие се движеа многу, тоа е реакција, а третиот дел учењето. Сакав да им дадам инспирација на тренерите и задовoлен сум од нивната позитивна реакција“, изјави Де Лус.
Ако се суди според однесувањето на десетте деца коишто беа демонстратори на вежбите, Де Лус успеа на луциден начин да го задржи нивното внимание на исто ниво во двете двочасовни сесии. Користејќи основни помагала, белгискиот едукатор им понуди нов поглед кон тренажнииот процес на македонските колеги. Нивните очекувања од работилницата беа големи, а без дилеми беа и исполнети со оглед дека имаа можност да се запознаат со бројни и разновидни начини за да можат да ја разбудат љубопитноста кај децата коишто почнуваат да тренираат одбојка или, пак, размислуваат дали да зачекорат на „магичниот правоаголник“.
„Исклучително сум задоволен од масовноста на оваа работилница и особено од желбата на присутните активно да учествуваат. Ако се земе предвид здравствената ситуација со коронавирус пандемијата, како и фактот дека голем дел од учесниците дојдоа во Скопје од другите македонски градови, може да се заклучи дека тие имаат желба да инвестираат во своето знаење. Тоа е многу важен чекор и несомнено покажува дека македонската одбојка има потенцијал. Од ваквите настани очекуваме да добиеме масовност и да ја подобриме едукацијата на тренерите и на професорите по физичко, коишто се наши парнери во целиот процес“, рече Вук Карановиќ, раководител на Развојниот оддел на ЦЕВ (Европската одбојкарска конфедерација), кој е задолжен за реализација на проектот на европско ниво. Покрај Одбојкарската федерација на Македонија, во него учествуваа одбојкарските федерации на Словачка, на Естонија и на Финска, како и два спортски универзитета, во Келн и во Анкара.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА