ТФТ стави крај на серијата од два порази во низа во Суперлигата откако во 7. коло славеше на домашен терен против Пелситер со 89-78 со што го симна битолскиот тим од врвот на табелата. „Црно-белите“ одиграа одлично второ полувреме во кое рано стигнаа до висока предност, одолеаја на налетот на противникот на почетокот на последните десет минути и заслужено стигнаа до 16. победа во првенството.
ТФТ беше порасположен во реализацијата на почетокот на средбата па ја имаше резултатска контрола, но како што одминуваа минутите гостите фатија учинок и успеаја да поведат со 15-21. Сепак домаќините не дозовлија негатива по првата четвртина бидејќи ја заврстија одбраната, заиграа и подобро во нападот па изедначија на 25-25 по 10. минути игра. Пелистер на крилјата на Малешевиќ поведоа со 33-38 на отварањето на втората четвртина, но ТФТ тим не дозволи и поголема предност, ја врати неизвесноста па изедначниот ритам продолжи до крајот на првото полувреме на кое битолчани со тројката на Стајиќ со истекот на времето заминаа со предност од 42-45.
Отварањето на второто полувреме беше во знакот на Хортон, Сапунџиев и Смит кои ги предводеа „црно-белите“ до серија од 10-2 за предност од 52-47, а избраниците на Смилковски го задржаа ритамот до крајот на третата четвртина. Притоа имаа и шанса за да поведат двоцифрено, но откако не ја искористија истата Пелистер успеа да ја убалжи негативата на 68-62 пред одлучувачката четвртина. Во неа Пелситер се доближи на негатива од еден напад, но серијата од три тројки во низа на Хортон ја донесе посакувната двоцифрена предност за ТФТ (79-69), а гостите немаа сили за ново враќање во мечот.
Ландриус Хортон со 25 поени и 6 скока беше лидер на ТФТ, а 20 поени и 4 скока додаде Амир Смит. Никола Малешевиќ беше прво име кај Пелситер со 29 поени и 8 скока, додека дабл-дабл од 22 поени и 10 скока додаде Игор Кесар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА