Трајковски: Голот против Италија го чувам во телефон, останува тагата што не се пласиравме на СП

На денешен ден пред точно една година Македонија го оствари најголемиот триумф во фудбалската историја, на гостински терен славејќи во Палермо над Италија со 0-1 во полуфиналето од баражот за СП 2022.

Судбината сакаше македонски херој да биде Александар Трајковски, напаѓачот кој играше за тимот на Палермо и ги скрши срцата на сицилијанците кога во судиското продолжение со удар од над дваесет метри го матираше Донарума. Трајковски на годишнината од огромната победа во интервју за италијанските медиуми се потсети на најзначајниот гол што го постигна во кариерата.

„Еуфоријата беше огромна, не е мала работа да се победи Италија. Сепак, тоа траеше неколку дена, потоа се вратив на секојдневието, се фокусирав на настапите за мојот клуб. Тој легендарен гол се уште го имам во својот телефон и го гледам одвреме навреме. Во главата се уште ги имам спомените од онаа експлозија од емоции. Потоа имав толку многу пораки на телефонот, на профилите на социјалните мрежи, ми требаа пет дена за да им одговорам на сите. Имаше и коментари од навивачи на Палермо, некои ми порачуваа гнасни работи, но имаше и такви кои ми честитаа за погодокот. За жал, останува тагата што во финалето загубивме од Португалија и не се пласиравме на СП“, изјави Трајковски.

Македонскиот голгетер настапува за Ал Фајха во Саудиска Арабија, но не ја крие желбата да се врати на Апенинскиот полуостров.

„Многу би сакал да се вратам во Италија, договорот ми истекува во јуни, па ќе видиме што ќе се случува… Имав интересни понуди од Серија Б, но бидејќи сум од земја надвор од ЕУ таа опција пропадна. Кога Палермо банкротираше имав опција да заминам во Верона, но тогаш ја избрав Мајорка. Сепак, секогаш се чувствувам прекрасно во Италија и би сакал повторно да заиграм во оваа држава“, вели Александар Трајковски.

Се вчитува...