ЦИРКУС: Откако се „разголеа“ во јавност…, од репрезентацијата сега го повикале Сејдини на помирување

Сосема е јасно дека наивни беа сите оние кои мислеа дека ставовите на сопственикот на клуб Пандев, ете нека се и оправдани ама искажани на далеку од професионален начин и со политички предзнак во момент на исклучиво личен интерес, а потоа поддржани и од селекторот Игор Ангеловски, нема да се рефлектираат на целокупниот репрезентативен амбиент и за време на овој мартовски собир и пред ЕП, па и врз националниот тим чиј член е најдобриот фудбалер во историјата на македонскиот фудбал, Горан.

За разлика од некои „нормални“ репрезентации и „нормални“ федерации каде недоразбирањата се решаваат интерно без да се вовлекува јавноста, интересно откако токму од репрезентацијата одлучија да се „разголат“ – и како треба и како не треба пред јавноста, сега отпосле, како што информираше на вечерашната прес-конференција селекторот Игор Ангеловски, испратиле повик до претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, кој претходно доби отворени напади од капитенот и селекторот, сега да дојде на помирување. Ама не дошол!

„Сакам да ја искористам оваа можност да ве запознаам бидејќи се крева прашина за односот ФФМ – репрезентација… Некои кажуваат дека треба нешто да се преземе. Е, што да се преземе? Во петокот го повикав Сејдини да разговараме околу сите недоразбирања, но во саботата не дојде иако ни вети. Оствариме нешто убаво и имаме пред нас радосни моменти, затоа треба сите заедно да одиме кон таа цел“ – истакна Ангеловски на прес-конференцијата по мечот со Лихтенштајн.

Но, како што информираат од ФФМ, Сејдини не дошол на средбата затоа што е позитивен на Ковид-19. А, интересно за тоа не знаат во националниот тим!? Сам по себе показател до каде се дојде со внатрешните односи ФФМ-репрезентација и тоа во моменти на најголемиот успех во историјата на репрезентативниот фудбал.

Без разлика дали таа средба се одржала или не, а сигурно ќе се одржи наредниот период, треба да биде јасно дека кога националниот тим ќе се стави, па макар и несвесно, како залог за некои други цели тогаш воопшто не зачудува што сега членови на стручниот штаб не разговараат меѓу себе, директорот на репрезентацијата е изолиран од интерни групи, а силно се ‘удира’ и на портпаролите на репрезентацијата кои, пак, во минатото заедно со медиумите амортизирале повеќе од сериозни проблеми внатре во селекцијата само за да се зачуваат поединци – ‘светци’. И сето тоа повеќе од мачно за гледање во момент кога Македонија е на два месеци пред настап на Европско првенство.

Во секој случај, повикувањето на претседателот на ФФМ од страна на репрезентацијата е добар момент за „смирување на топката“. За да не бидеме потоа жални сведоци како најдобрата генерација во историјата на македонскиот фудбал се трансформира во најсрамна. Доколку и јавно репрезентативци почнат да искажуваат спротиставени ставови, за се што се случува во моментов. За што веќе, за жал, има и најави…! А, на тоа никој не сака да биде сведок!

Се вчитува...