УЕФА ќе го менува ВАР: „Не смееме да го претвориме фудбалот во Плејстејшн“

УЕФА планира да го промени пристапот кон користењето на ВАР технологијата, откако во последните години видео-судијата често беше во центарот на фудбалските полемики.

Роберто Розети, кој е на чело на судиската комисија на УЕФА, смета дека ВАР треба да се користи внимателно и само кога станува збор за ситуации кои навистина можат да влијаат врз конечниот исход на натпреварот.

Пред стартот на новата сезона, Розети одржал состанок со претставници на најсилните европски првенства – Премиер лигата, Серија А, Ла Лига, Лига 1 и Бундеслигата. Главна тема биле разликите во примената на технологијата и потребата од поголема унифицираност.

„Речиси никаде нема целосно задоволство од влијанието на ВАР врз фудбалот. Треба да избегнуваме да се занимаваме со микроскопски детали. Контекстот е многу важен. Ова е фудбал, а не Плејстејшн“, изјави Розети.

Посебно внимание ќе биде посветено на ситуациите со играње со рака, бидејќи токму кај нив постојат значителни разлики во толкувањето на правилата меѓу европските лиги.

Розети признава дека невозможно е сите спорни ситуации секогаш да бидат идентично проценети, но нагласува дека УЕФА работи на постигнување поголема конзистентност.

Се вчитува...