Усаин Болт на претстојното Светско атлетско првенство во Лондон ќе настапи во две дисциплини и потоа дефинитивно ќе ги „закачи“ спринтерките на клин. Јамајскиот спринтер ќе ја брани титулата светски шампион во трката на 100 метри и во штафетата на 4х100 метри.
Светското првенство што ќе се одржи во Лондон од 4 до 13 август, ќе биде последно во блескавата кариера на осумкратниот олимписки шампион и светски рекордер.
„Мојата цел е да победам во Лондон. Сакам да се пензионирам како шампион. Ги исполнив сите свои спортски цели и време е за збогување. На спортот му донесов извонредни резултати и многу забава“ – изјави 30-годишниот Усаин Болт.
Финалето на 100 метри на програмата е на вториот ден од натпреварите на СП во Лондон, на 5 август, додека штафетата 4х100 е седум дена подоцна, на 12 август.
Во својта исклучителна кариера, Усаин Болт освојуваше златни медали на 100, 200 и на 4х100 метри на последните три изданија на Олимписките игри во Пекинг, Лондон и во Рио де Женеиро.
Неговата спектакуларна „трипл триплета“ е поништена откако на штафетата на Јамајка и беше одземено олимпиското злато од Пекинг поради допинг на Неста Картер.
Болт е светски рекордер на 100 метри со 9,58 секунди и на 200 метри со 19,19 секунди. Минатиот месец во Кингстон тој ја трчаше последната трка во својата татковина и постигна резултат од 10,03 секунди на 100 метри.
Пред СП во Лондон, најбрзиот човек во светот ќе настапи и на митингот од Дијамантската лига во Монако.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА