„Земјотрес“ во најава: Мбапе оди во Реал, Меси на негово место во ПСЖ

Преодниот рок штотуку заврши, а медиумите ширум Европа веќе почнаа да се занимаваат со плановите на најголемите клубови за наредното лето. А во ситуација кога се очекува и кризата со коронавирусот конечно да заврши, за очекување е во јуни 2021 година да проследиме и повеќе мегатрансфери, нешто што не беше возможно во текот на летото 2020 година. Во најава е „фудбалски земјотрес“, откако неколку медиуми пренесоа дека Реал Мадрид е решен следното лето да го ангажира Килијан Мбапе, а ПСЖ уште сега крои план – како на местото на францускиот голгетер да го донесе Лионел Меси.

Мбапе летово остана во ПСЖ, но истовремено и јасно стави до знаење дека нема намера да потпише нов договор со „светците“. Проблем за францускиот првак е што голгетерот има договор само до јуни 2022 година, што значи дека ако не ја продолжи соработката ќе треба да биде продаден следното лето. Реал на идентичен начин го „натера“ Азар да не потпише нов договор со Челси, по што го доведе Белгиецот во своите редови, а сега со истиот рецепт се обидува да го ангажира и Мбапе, кој во неколку ситуации отворено флертуваше со најтрофејниот европски клуб.

Во ПСЖ сакаат да го задржат Мбапе, но од друга страна им е јасно дека тоа ќе биде невозможно доколку тој не сака да потпише нов договор. Среќна околност е што токму во текот на следното лето слободен на пазарот ќе биде Лионел Меси, кој речиси сигурно ќе си замине од Барселона дури и доколку Бартомеу ја напушти претседателската функција. Иако Меси летово беше најблиску до Манчестер Сити, во ПСЖ се оптимисти дека ќе успеат да го убедат Аргентинецот да се пресели на „Паркот на принцовите“, а главен адут ќе им биде Нејмар, кој во меѓувреме би требало да потпише нов договор за уште поголема плата. ПСЖ ќе заработи најмалку 120 милиони евра од продажбата на Мбапе, Меси би пристигнал како слободен играч, па францускиот шампион ќе може без проблем да си дозволи да му даде огромна плата на најдобриот фудбалер на денешницата.

Се вчитува...