Кире Лазаров е едно од најзвучните засилувања во францускиот ракомет летово, па македонскиот ас во дресот на Нант сосема оправдано се наоѓа во фокусот на вниманието пред стартот на новата сезона. По долги години минати во Шпанија, Лазаров е подготвен за нов предизвик во својата кариера.
„Ова е вообичаено лето за мене, со подготовки за новата сезона. Годинава открив нов град, нов тим. Првите впечатоци се позитивни, иако има помалку сонце од Македонија или од Барселона. Сепак, задоволен сум, се се одвива според очекувањата. Се уште треба да научам француски бидејќи за да функционираш во тим неопходно е да го зборуваш истиот јазик со соиграчите. Адаптацијата оди според планот, со Гурбиндо се знам од Барселона, исто како и со Давид Балагуер, а одлично функционирам и со соиграчите од балканските земји“ – вели Лазаров во разговор за официјалната веб-страница на француската лига.
Тој не го крие задоволството што авантурата во Франција ја стартува со титула во „Францускиот трофеј на шампионите“.
„Тоа беше како сон, бидејќи за 24 часа го победивме најпрвин Монпелје, а потоа и ПСЖ, кој е голем фаворит за титулата во Франција, но и во Лигата на шампионите. Во домашното првенство ќе имаме многу потешки дуели отколку што имав во Шпанија, но како професионален спортист секогаш сакам да играм со посилни ривали. Конкуренцијата е силна, ПСЖ е голем фаворит, а ние имаме добар тим како Монпелје или Сан Рафаел. Сепак, веќе освоивме еден трофеј и тоа ќе ни овозможи да играме без притисок“ – вели Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА