Во период во кој на светската фудбалска сцена се купуваат просечни играчи за над 20 милиони евра, а за оние врвните веќе се споменуваат бројки над сто милиони, јасно е зошто на многумина може да им се сврти во главата и да тргнат по патот на парите. За среќа на Тотенхем, еден од нив не е Хари Кејн, откако капитенот на „спарси“ јасно стави до знаење дека нема намера да го напушти овој клуб.
Манчестер јунајтед на стартот од летото покажа интерес за овој одличен голгетер, се споменуваше и сума од околу 100 милиони фунти, но понуда воопшто не беше испратена поради ставот на самиот фудбалер, кој не сака ни да чуе за заминување од Тотенхем.
„Се споменуваат огромни бројки, но за мене фудбалот е многу повеќе од пари и од милионски суми. Јас сум член на Тотенхем, клубот што го сакам и пресреќен сум бидејќи се движиме во вистинска насока. Од година во година сме се подобри, во новата сезона ќе атакуваме на нови трофеи и јас едвај чекам да продолжам да постигнувам гоолови за мојот клуб. Сето останато е неважно за мене“ – изјави Кејн.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА