Со која трка Болт ќе ја заврши кариерата?

Осумкратниот олимписки шампион, Усаин Болт, потврди дека ова ќе му биде последна сезона во кариерата, но се уште не донел конечна одлука кога ќе му биде последната трка. Спринтерот од Јамајка претходно најави дека ќе ставио крај на кариерата на Светското првенство во Лондон во август, сега вели дека може да истрча уште некоја трка и после СП.

Болт за британските медиуми изјави дека разговара со тренерот Глен Милс за тоа каде би можел да ја заврши кариерата.

„ Се уште дефинитивно не сме одлучиле што ќе правиме“ – изјави 30-годишниот Усаин Болт.

Светскиот рекордер на 100 и на 200 метри последен пат во кариерата може да трча на 12 август во Лондон, во финалето на штафетата 4х100 метри.

„За тоа не сакам да се грижам до Светското првенство или неколку дена пред почетокот на натпреварите. Сега сум концентриран на сезоната. Сакам да ја забавувам публиката. Ќе се обидам да уживам во секој момент“ – вели Болт кој потврди дека на СП во Лондон нема да трча во трката на 200 метри.

Усаин Болт е прв атлетичар во историјата на Олимписките игри што освоил златни медали на 100 и на 200 метри со нови светски рекорди, а во два обиди успешно ги одбрани олимписките титули што прв пат ги освои на ОИ во Пекинг во 2008 година.

„Имав извонредна кариера. Уживав во подемите и падовите, во искуството. Направив се што посакав, сега се приближува крајот и тоа е во ред. Ова за мене е емотивна сезона“ – истакнува Болт.

Се вчитува...