Барди за клучниот пенал: Презедов одговорност и не разочарав!

Енис Барди има причина да биде горд на себе и на своите соиграчи откако Коњаспор во голем стил стигна до финалето во Купот на Турција.

Откако во четвртфиналето беше елиминиран гигантот Фенербахче, тимот на Коњаспор синоќа направи уште еден подвиг, во полуфиналето на гостински терен совладувајќи го Бешикташ со 0-1, и тоа со голот што го постигна токму Барди во продолженијата од два пати по 15 минути.

„Пресреќен сум, искрено… направивме огромен чекор кон исполнување на нашите соништа. Заслуживме да победиме, добро го прочитавме Бешикташ, бевме подобар противник во второто полувреме, на крајот славевме по продолженија. Што да се каже… толку напорно работевме и стигнавме до финалето. Само да не служи здравје и верувам дека ќе се закитиме со трофејот“, еуфоричен беше Барди по победата.

Тој се осврна и на клучниот момент на мечот и преземената одговорност при пеналот во првото продолжение.

„Мечот се решаваше и јас презедов одговорност. Мулека и Јевтовиќ ми покажаа дека веруваат во мене, пресреќен сум што не ги разочарав и што го постигнав победничкиот гол. Јас го дадов голот, но победата е заедничка, сите заедно го оставивме срцето на терен“, скромен е како и секогаш Енис Барди.

Се вчитува...