Спектакл во „Арена“: Партизан прокоцка +18, Црвена звезда имаше напад за победа, по продолжението „црно-белите“ ја добија првата битка

Првото вечно кошаркарско дерби сезонава помеѓу Партизан и Црвена звезда приреди вистински спектакл во белградска „Арена“. Во најдобриот натпревар во досегашните седум кола во Евролигата, Партизан дури по продолжението славеше со 85:82.

Партизан имаше предност од дури 18 поени, Црвена звезда не се предаде, успеа да се врати и да го има нападот за победа во регуларниот дел, потоа во дополнителните пет минути да има плус четири, но на крајот се радуваа „црно-белите“. Херој на Партизан покрај Карлик Џонс кој даде 26 поени, беше Алесандро Пајола кој ја даде клучната тројка за победа.

„Црно-белите“ фуриозно го започнаа натпреварот, поведоа со 7:0, а во петтата минута водеа со 20:6 и првата четвртина ја добија со двоцифрена предност (31:21).

Партизан ја доби и втората четвртина со 21:17 и на пауза заминаа со 52:37. Фантастичен во првото полувреме беше Карлик Џонс кој даде 15 поени, а Стивенс и Хејс дадоа по девет.

„Црвено-белите“ не се предадоа, и успеаја да се вратат во игра, и тоа благодарение на одличниот старт на последната четвртина. Со серија од 12:3, Црвена звезда дојде на само минус четири (68:64) во 35-та минута. На две минути до крајот, по поените на Батлер, Црвена звезда дојде на само два поени негатива (75:73).

Во следниот напад, црвено-белите погрешија по што Батлер погоди за прво израмнување (75:75). На спротивната страна, играчите на Партизан промашија четири слободни фрлања по ред. Потоа играчите на Црвена звезда беа непрецизни, а го имаа и последниот напад но не успеаја да го реализираат.

Во продолжението, Црвена звезда подобро започна, поведе со 77:81 по поените на Крис Џонс, но одговорот на Партизан дојде преку Карлик Џонс и Пајола. Прво Џонс погоди тројка за 82:82,а во следниот напад, Пајола беше прецизен за голем триумф на Партизан и ерупција во „Арена“.

Карлик Џонс даде 26 поени, 16 даде Стивенс, а херојот Пајола постигна седум поени. На спротивната страна, Крис Џонс даде 22, Нвора 16, а Оџелеје 13 поени.

Панатинаикос со 85:79 во „ОАКА“ беше подобар од Басконија, а Барселона со 89:81 славеше на гостувањето кај Армани Милано.

Се вчитува...