Поранешниот светски бокерски шампион, Флојд Мејведер, се враќа во рингот во „супер мечот“ против УФЦ шампионот, Конор Мекгрегор, на кого ова ќе му биде прв професионален меч во кариерата. Дуелот од половина милијарда долари конечно е закажана за 26 август во Лас Вегас.
Во овој боксерски спектакл Американецот и Ирецот можат да заработат и по 100 милиони долари.
Мејведер ја потврди борбата со објава на Твитер на која напиша „Официјално е“. Мекгрегор никогаш досега не боксувал професионално , а веќе претходно го предизвикуваше Мејведер да се борат под правилата на мешовитите боречки вештини.
Претседателот на УФЦ асоцијацијата, Двејн Вајт изјави дека преговорите за големиот меч траеле веќе подолго време.
„Не велам дека ќе победи Мејведер, ниту дека ќе победи Мекгрегор. Но причината поради која Конор Мекгрегор е така голем е што може да се бори со секого, било каде и било кога. Тој ќе го стори тоа и со Флојд Мејведер и ќе се обиде да го нокаутира“ – вели Вајт.
Мејведер пред две години се повлече од професионалниот бокс непоразен после 49 мечеви со што се изедначи со рекордот на Роки Марсијано од 49-0. Американецот прв пат се повлече од професионалниот бокс во 2008 година после 39 победи, а потоа продолжи да боксува уште седум години пред второто повлекување во 2015 година. Во пресрет на „супер мечот“, Мејведер вели дека „Мекгрегор нема шанси за победа“.
Многумина сметаат дека овој меч повеќе ќе биде егзибиција отколку борба, но за овој спектакуларен дуел постои голем интерес. Проценките се дека дуелот меѓу двете ѕвезди во рингот, заедно со нивната заработувачка и ТВ правата може да вреди дури половина милијарда долари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА