Се е подготвено за вечерашниот реванш меѓу Баерн и ПСЖ, а неуралната фудбалска јавност гласно се надева – овие два дрим-тима да понудат барем приближно возбудлив и ефикасен фудбал како што тоа беше првиот меч во Париз што францускиот тим го доби со 5-4.
Голем проблем за гостите ќе биде неиграњето на Хакими, додека Баерн ќе биде комплетен во обид да ја урне непријатната традиција – по пет елиминации во низа конечно да стигне до финале откако го загубил првиот полуфинален дуел во двомечот.
Ова се дел од интересните статистички податоци поврзани со денешниот реванш…
Победата на ПСЖ над Баерн од 5-4 беше најеифкасно полуфинале во ЛШ уште од 1960 година, кога Ајнтрахт во полуфиналето против Глазгов Ренџерс славеше со 6-3. Најефикасен полуфинален двомеч во историјата на ЛШ е токму оној од Ајнтрахт – Ренџерс, кога за 180 минути игра беа постигнати 16 гола (12 за германскиот, 4 за шкотскиот тим).
Во историјата на нокаут фазата од ЛШ, само еден тим бил елиминиран откако на првиот меч успеал да постигне пет гола. Тоа беше случај со Манчестер Сити, кој во 2017 славеше над Монако со 5-3, но потоа го загуби реваншот со 3-1 и беше елиминиран поради помалку постигнати голови на гостински терен.
Баерн ќе игра против традицијата која вели дека баварците досега ги загубиле првите натпревари во пет полуфинални двомечи, во тие пет ситуации ниту еднаш не успеале да стигнат до големото финале.
ПСЖ има претрпено пет порази на досегашните седум гостувања во Минхен, најголем број на порази што „светците“ ги имаат забележано против било кој ривал на гостувањата во Лигата на Шампионите (имаат по три од Реал Мадрид и од Манчестер Сити).
Ова е дуел на двата најдобри напади во ЛШ сезонава, ПСЖ досега има постигнато 43 гола, а Баерн 42. Рекордот за најефикасна сезона во ЛШ е сопственост на Барселона, 45 погодоци во сезоната 1999/2000, остварување што еден од денешните полуфиналисти речиси сигурно ќе го надмине.
Баерн е на делба со Милан на второто место како тимови со најмногу финалиња во ЛШ (претходно и во Купот на Европските Шампиони). Двата европски гиганти имаат по 11 финалиња, Баерн може да биде осамен на втората позиција со 12 ако успее да го елиминира ПСЖ.
Хари Кејн беше стрелец на последните шест европски средби на Баерн, најдолга серија на еден англиски фудбалер во Лигата на Шампионите. Воедно, тој досега има 13 погодоци во ЛШ сезонава, две помалку од историските сезони на Јирген Клинсман (1995/96) и на Роберт Левандовски (2019/20), кои имаа по 15 гола во Лигата на Шампионите, како најуспешни индивидуални сезони на еден фудбалер во историјата на баварскиот клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
