Италијанскиот калчолигаш Лацио е сериозно заинтересиран за ангажман на македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски, кој е член на новиот хрватски првак Ријека. „Лацијалите“, според медиумите на Апенините, се подготвени да платат 2 милиони евра за да го купат десниот бек како едно од новите засилувања во претстојниот летен преоден рок. Во опција е и Дарко Лазовиќ, српскиот интернационалец од редовите на Џенова.
Сепак, Ристовски е во преден план, со оглед дека веќе ја има репутацијата на најдобар десен бек во хравтското првенство. Тој го знае добро и италијанскиот јазик, со оглед дека играше во Примавера – тимот на Парма, а потоа и во италијанскиот второлигаш Латина.
На Лацио му е потребно засилување на конкуренцијата на десната странична позиција, каде игра Душан Баста, со оглед дека следната сезона ќе настапува и во Лигата на Европа. Овој тим ќе го освои четвртото место во Серија А во актуелниот италијански шампионат.
За Стефан Ристовски, кој има одлична сезона во Хрватска, сериозен интерес покажуваат и Спортинг Лисабон, Бетис и Ајнтрахт Франкфурт.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА