Македонските репрезентативци Стефан Ристовски и Леонард Жута се на само еден чекор од осигурување на титулата во хрватското првенство, откако вечерва со тимот на Ријека забележаа нов огромен триумф, овојпат на гостувањето против Славен Белупо со 0-2.
Иако стануваше збор за терен на кој во последните три години немаше постигнато ниту еден гол, Ријека одигра максимално мотивирано, доминираше на теренот и прашањето на победникот го реши веќе во првото полувреме. Првиот погодок беше дело на Андријашевиќ по центаршутот од левата страна на Жута, додека на 0-2 пред самиот крај на полувремето зголеми Вешовиќ.
Избраниците на тренерот Кек потоа рутински ја одржаа предноста до последниот судиски свиреж, останувајќи на „плус пет“ во однос на шампионот Динамо Загреб во трката за титулата. Ова практично значи дека Ријека треба на следниот меч да слави на домашен терен над Цибалија (моментно претпоследна екипа на табелата) за да ја осигура титулата и дербито во последното коло на „Максимир“ против Динамо да нема никакво резултатско значење.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА