Одличните настапи на Езгјан Алиоски во дресот на Лугано придонесоа интерес за услугите на македонскиот репрезентативец да искажат бројни клубови ширум Европа. Херта и Аталанта веќе испратија понуди за ангажман на одличниот офанзивец, а според последните информации од Швајцарија сега сериозен интерес искажуваат и челниците на Борусија Дортмунд. „Милионерите“ се подготвуваат за заминувањето на Пјер Емерик Обамејанг, за кого по Манчестер сити и ПСЖ сега богата понуда испрати и кинескиот Тиаинџин на Фабио Канаваро (80 милиони евра за Борусија, 50 милиони евра за самиот фудбалер).
Иако Алиоски не настапува на идентична позиција како и Габонецот, „милионерите“ гледаат на него како на фудбалер со огромен потенцијал кој би можел да се вклопи во одличната офанзивна линија што Борусија ја поседува. Засега не се споменува конкретна сума, но швајцарските медиуми најавуваат дека десет милиони евра би била сумата за која Лугано би бил подготвен да разговара за заминување на своијот најдобар фудбалер.
Алиоски сезонава игра извонредно и веќе постигна 16 погодоци, згора на тоа има и 11 асистенции зад своето име, па интересот од Борусија е неслучаен. Покрај тимот од Дортмунд, заинтересиран за македонскиот репрезентативец е и тимот на Хофенхајм, кој веќе го осигура четвртото место и учество во квалификациите за ЛШ за следната сезона.
Хофенхајм сигурно би му гарантирал и позначајна минутажа, но предизвикот да се игра за гигантот од Дортмунд исто така е огромен. Едно е јасно, Алиоски прерасна во одличен фудбалер, па интересот од овие квалитетни бундеслигаши дефинитивно не е случаен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА