Илија Несторовски веќе неколку месеци е без постигнат гол за Палермо во Серија А, но Македонецот останува миленик на навивачите и на управата на клубот. Новиот претседател Пол Бакалјини сака да го задржи нашиот репрезентативец и за следната сезона, во обид тимот експресно да се врати во елитното друштво, додека човекот што го доведе Несторовски во Палермо, Маурицио Зампарини, го спореди Нестор-гол со еден од најдобрите голгетери на денешницата.
„Презадоволен сум од Несторовски. Тој е тип на играч како Гонзало Игуаин, секогаш се наоѓа во шанса пред голот, физички е силен, поседува фудбалска интелигенција, а згора на тоа не е себичен. Горд сум што го доведов во тимот кога ретко кој имаше чуено за него“ – изјави Зампарини за италијанските медиуми.
И покрај желбата на Бакалјини да го задржи, речиси сигурно е дека Илија Несторовски летово ќе го напушти сицилијанскиот клуб. Палермо би требало да заработи најмалку 15 милиони евра за македонскиот голгетер, за кого интерес покажуваат Фиорентина, Наполи, премиерлигашот Евертон и шпанскиот прволигаш Атлетико Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА