Каратистот Мартин Стојменов најдобар спортист на Кочани

На пригодна свеченост на која присуствуваа голем број спортисти и спортски работници беа избрани најдобрите спортисти на Кочани во изминатата 2016 година.

Најголемото признание, најуспешен спортист на Кочани го доби каратистот Мартин Стојменов, член на карате клубот Партизан кој на Европското првенство во Лимасол на Кипар го освои петтото место што е еден од најголемите успеси на карате спортот во градот на оризот.

Карате клубот Партизан е најуспешната екипа, неговиот тренер Оливер Коцев е прогласен за најдобар тренер.

Каратистот  Ѓорѓи Петров, член на КК Партизан е најнадежен спортист  во градот, додека Ѓорѓи Тодосиев, поранешен гимнастичар и спортски работник доби признание за неговииот голем придонес во развојот на овој спорт во градот.

kocani izbor

За спортски личности на Кочани во изминатата 2016 година беа прогласени планинарите Борис Поп Ѓорѓиев и Лоранс Марков, членови на спортскиот клуб „Москито“ кои се искачија на Мон  Блан и Тошо Антов член на ПСД Осогово кој го освои  Елбрус, највисокиот  врв на Кавказ.

На предлог на фудбалскиот клуб Осогово, неговиот поранешен  голман Лазар Балдазаров доби посебно признание за посебен придонес за развојот на фудбалот во Кочани.

Наградите на најуспешните спорттисти им ги предаде градоначалникот на Кочани Ратко Димитровски.

Во склопот на изборот се одржа и промоција на книгата „Гимнастиката во Кочани„ од авторите Ѓорѓи Тодосиев и Илинка Атанасова, едно луксузно издание за историјатот на овој спорт во градот кој има длабоки  корени и големи успеси во Македонија. Рецензент беше познатиот спортски новинар Миодраг Мицковиќ.

М.М.

Се вчитува...