ЕКИПА на ЕП во Загреб,
Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски
Претедателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов, во друштво на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, присуствуваше на официјалното претставување на заедничката кандидатура на Словенија, Македонија и Црна Гора како ко-оорганизатори на Европското првенство за жени во 2022 година. ЕХФ официјално треба организацијата да ја додели оваа година, но тоа е впрочем и единствената кандидатура. Интересно, сите три машки ракометни репрезентации сега се дел од истата група на ЕП во Хрватска, па ова е една одлична најава и за меѓусебните дуели.
Македонската метропола Скопје, заедно со Подгорица и Љубљана, треба да биде носител на овој проект и ко-организатор на големиот ракометен настан по четири години.
„Убеден сум дека ќе имаме добра организација, со оглед дека имаме одлична соработка, како и максимална доверба во раководството на Ракометната федерација на Македонија. Градот Скопје ќе биде ко-организатор на еден голем ракометен настан, веруваме дека ќе ја добиеме организацијата, а потоа и секако ќе сториме се за да бидеме добри домаќини. Европското првенство ќе се одржи во 2022 година, Скопје има две спортски сали кои можат да го носат овој проект, а периодот ќе се поклопи и некако со крајот на мојот мандат како градоначалник. Ќе работиме напорно за да се претставиме во најубаво светло“, изјави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, истакна дека организацијата би била од значаен аспект и за промоција на Скопје и на Македонија, но и за развојот на женскиот ракомет кај нас.
„Оптимист сум околу оваа кандидатура и мислам дека имаме големи шанси да ја добиеме организацијата на Европското првенство за жени во 2022 година. Скопје се вклучува како ко-организатор, заедно со Љубљана и со Подгорица, и веруваме дека регионално можеме да направиме многу за развој на ракометот. Ќе биде тоа одлична презентација на градот Скопје и на нашата земја Македонија. Што се однесува до ракометот, ќе биде одлична можност да го подигнеме и нивото на женскиот репрезентативен ракомет кај нас, кој јасно е дека стагнира во однос на машкиот“, изјави Живко Мукаетов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА