ЕКИПА на ЕП во Хрватска,
Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски
Тренингот на македонската репрезентација во Вараждин почна како и вообичаено… A, меѓу првите во салата влезе Раул Гонзалес, поздравувајќи се присутните, а потоа оставајќи ги личните работи на масата каде вообичаено седат официјални лица. Од лични работи нема многу, една мала ташна, и тетратка – мала во обем… Но, и тоа како со огромно значење за нашиот национален тим.
Токму тие листови хартија ги содржат тајните на успехот на „црвено-жолтите“, диригирани од страна на шпанскиот генијалец. Раул имаше лек за сите, од Словенци, преку Црногорци до европските прваци од Германија.
Сега на ред се неговите Шпанци, што само по себе е дополнителна мотивација… и дополнителни страници во „златната тетратка“. Ги полнеше Раул и за време на денешниот тренинг, штом забележеше нешто што не му се допаѓа и ќе треба да се смени, или пак му дојдеше нова идеја како да играме уште подобро.
„Секогаш може подобро“ – е девизата на македонскиот селектор, кој вредно работи… и запишува, совети како да се совлада Гонзало, да се одигра одбрана на Агинагалде, да се неутрализира Алекс Душебајев, кого толку добро го познава… Ако некој знае како со аутсајдер се земаат скалпови на фаворити, тоа е нашиот селектор.
А знаејќи колку играчите го почитуваат и го слушаат секој негов совет, јасно е колкаво е значењето на секоја страница од оваа „библија“ на нашата ракометна репрезентација.
Нотесот е полн со драгоцени совети, но има и празни страници, за овој дуел со Шпанија, но и за оние следните со Чешка и Данска, ривали кои исто така се на „менито“ на македонскиот национален тим предводен од шпанскиот генијалец.
Сепак, први на ред се „неговите“ Шпанци, триумф кој сигурно за „ел команданте“ би бил најдраг во неговата селекторска кариера. Нека биде „супер“, еден од најупотребуваните зборови на нашиот селектор на македонски јазик, за поголем нотес… за тактики и нови совети до последниот ден од ова Европско првенство.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА