Одбојкарките на Работнички се изборија за „мајсторка“ во битката за шампионската круна!

Македонија шампионот во женска конкуренција ќе го добие преку „мајсторка“ во Струмица откако во четвртиот натпревар од финалето на плејофот, Работнички Скопје со 3-0 (25:15, 27:25, 27:25) го совлада Наковски Волеј пред својата публика во СЦ “Борис Трајковски” и израмни на 2-2 во финалната серија.

Конкурентите за титулата како и на претходните натпревари така и денеска понудија одличен натпревар, кој беше неизвесен особено во вториот и третиот сет.

До прва максимална победа над Наковски Волеј сезонава Работнички Скопје го предводеа Тамара Стојанова и Антонија Баталаковска со по 12 поени како и Андротеа Милевска со 11 поени.

Кај Наковски Волеј, Сара Марковиќ запиша девет поени, Ивана Милева имаше осум, додека Мила Долдурова и Ива Стојковска имаа по шест.

„Мајсторката“ се игра в понеделник, во 18 часот, во Струмица.

Се вчитува...