„Подмладување“: Вардар остана без Николов, Муслиу, Демири…, а крие дека има нов договор за Попов до 2019!

Од стручниот штаб и спортските раководни структури на Вардар на крајот од есенскиот дел од шампионат, а во очекување на пролетната полусезона најавија вистинско подмладување на тимот со сериозна поддршка за квалитетни млади кадри од кои во иднина ќе има сериозна корист и најтрофејниот македонски клуб и македонскиот фудбал воопшто.

А, како од раководството на Вардар го подразбираат „подмладувањето“ веќе сериозен доказ е досегашниот тек на трансфер периодот. Изгубен е еден од најдобрите млади македонски дефанзивци Висар Муслиу (22 години), продаден е за смешна сума во унгарски Видеотон еден од најдобрите македонски фудбалери, 23-годишниот Бобан Николов, а онака лесно избришани беа членовите на младата репрезентација на Македонија која не однесе на ЕП во Полска, Бесир Демири (23 години) и 20-годишниот Петар Петковски… Плус и еден од најдобрите македонски дефанзивци Дарко Велковски (23 години) веќе е договорен за преселба од јуни во редовите на хрватскиот шампион Ријека.

Па, од друга страна, на сето тоа, пред две недели Вардар, по истекот на претходниот, потпишува нов едноиполгодишен договор со 33-годишниот лев бек Горан Попов со важност до јуни 2019 година, за кој, интересно, не објавува официјално пред своите навивачи и фудбалската јавност. За разлика од Попов, претходно беше официјално објавено продолжувањето на соработката со 32-годишниот Дејан Блажевски, но само на шест месеци до јуни оваа година.

 

А, Горан Попов изминатава есен за Вардар одигра вкупно само 4 натпревари (289 минути), минатата 2016/2017 сезона пак само 9 натпревари (750 минути), што би се рекло за 13 одиграни натпревари во 18 месеци за Вардар, Попов добил нов договор до јуни 2019, во желбата за „подмладување“ во клубот!?

„Црвено-црните“ во досегашниот дел од преодниот рок единствено се подновија со тројцата фудбалери кои пристигнаа од Пелистер, а желни за заминување од Битола по финансискиот колапс кој ги зафати „зелените“, Јован Попзлатанов, Кристијан Тошевски и Матеј Цветаноски.

Се вчитува...