Војна во Франција – Нант се откажа од купот

Кире Лазаров нема да се бори за трофејот во Купот на Франција откако неговиот тим Нант се откажа од настап во ова натпреварување.

Причината е добро позната, одлуката на Француската Ракометна Федерација да се преиграат последните десетина минути од четвртфиналниот дуел против Ним. Нант се жалеше на ваквата одлука, жалбата беше одбиена, па тимот на Лазаров вечерва информираше дека се откажува од настапот во Купот на Франција откако од федерацијата беше наложено дека мечот мора да се доигра во текот на утрешниот ден.

„Искрено жалиме поради инсистирањето на федерацијата последните десет минути да се преиграат на 30 март, со почеток во 18 часот, иако клубовите меѓу себе постигнаа договор дека мечот може да се доигра и на подоцнежен датум. Разочарани од сето тоа, како освојувачки на трофејот минатата сезона ние немаме друг избор освен да се откажеме од натпреварувањето. Десетминутен меч ракомет е она што е спринтот во маратонот, а играњето без наши гледачи на трибините нема никаква смисла. Федерацијата не го зема во предвид нашиот распоред и сака играчите да настапат на три средби во рок од 92 часа. Ние како клуб ќе се концентрираме на останатите цели кои се зацртани пред нас, пред се осминафиналето од ЛШ против Брест“ – се вели во соопштението на Нант.

Се вчитува...