Роберт Левандовски сонува за трансфер во Реал Мадрид, но желбата тешко дека ќе му се исполни поради решеноста на Баерн Минхен да го задржи својот најдобар стрелец на „Алијанц Арена“. На почетокот од оваа седмица се појавија информации дека Левандовски влегол во конфликт со тренерот Хејнкес и неколку соиграчи, па Баерн ќе го промени ставот и ќе даде зелено светло за негов трансфер. Сепак, ова набрзо беше демантирано од страна на претседателот Карлхајнц Румениге, кој јаснос тави до знаење дека не постојат никакви шанси Полјакот летово да ги промени клупските бои.
„Er bleibt… Se queda… He’s staying… На кој јазик треба да ви повторам, Левандовски останува во Минхен. Ние сме среќни што го имаме, што имаме и долгорочен договор со него и дефинитивно нема да го продадеме во текот на следниот преоден рок“ – изјави Румениге.
Покрај Реал Мадрид сериозен интерес за овој гол-мајстор искажуваше и Челси, но како што стојат работите и двата европски гиганти ќе треба потрагата по нов голгетер да ја продолжат на друго место, далеку од Минхен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА