Во пресрет на почетокот на НБА финалето меѓу Кливленд и Голден Стејт, лидерот на вицепрвакот, Леброн Џејмс, признава дека на почетокот на годинава воопшто и не мислел дека неговата екипа ќе влезе во плејофот. Во периодот на преминот од 2017 во 2018 година, Кливленд забележа само три победи на 12 натпревари. Губеше катастрофално од Минесота со 28 поени разлика, од Торонто со 34 поени, а од Оклахома на домашен терен прими 148 коша.
„Не бев сигурен што ќе направиме. Се прашував дали воопшто и ќе бидеме дел од разигрувањето. Но, потоа сфатив дека не смеам така да размислувам. Едноставно мораме да влеземе во плејофот. Си зборував себе си дека на илјадници деца сум им идол и затоа секој ден морам да бидар најдобар“ – вели Џејмс, кој против бранителот на трофејот ќе го игра деветтото вкупно, а осмото последовно НБА финале.
Сепак, Кливленд дојде до разигрувањето, во првото коло му беа потребни седум дуели за да ја елиминира Индијана, потоа со Торонто се справи со четири средби, а против Бостон во конференциското финале триумфираше со вкупни 43 и тоа откако се врати по негатива од 3-2 во победи.
Во плејофот Леброн имаше просек од 34 поени, 9 скока, 8,8 асистенции што е за нијанса подобро од просекот што го имаше во регуларниот дел од сезоната.
„Се обидов клубот да го кренам на ниво со кое секогаш ќе остава позитивен впечаток без разлика дали се работи за кошарка, за општествената улога или за брендот воопшто. Често јас сум во фокусот и на насловните страни, но моја желба е додека сум во овој клуб, на Кливленд да се гледа како на престижна и голема организација – вели Џејмс.
Кливленд во борбата за титулата се соочува со големиот ривал, Голден Стејт кој минатата сезона ја доби финалната серија. Првиот натпревар ќе биде одигран во Оукленд. Предноста на домашен терен во финалето е за Голден Стејт. Титулата оди кај екипата која прва ќе дојде до четири победи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА