Српскиот кошаркар на мака: Луѓе, јас не сум тој Никола Калиниќ!

Хрватскиот фудбалер Никола Калиниќ му создаде вистински маки на српскиот кошаркар Никола Калиниќ поради инцидентот што се случи за време на СП во Русија.

Името на Калиниќ беше главна тема во медиумите откако селекторот Златко Далиќ  го исфрли од тимот и го врати дома после првиот натпревар на Мундијалот. Тоа наиде на силни реакции и кај навивачите, но многу од нив го истурија својот бес на погрешен човек со исто име. Српскиот кошаркар Никола Калиниќ добил многу пораки наменети за неговиот истоименик од Хрватска и на крај реагираше со духовита порака на Твитер.

„Луѓе, па јас не сум фудбалер. Ова ги премина сите граници. Постојат двајца Никола Калиниќ. Проверете на „Гугл“ ако не ми верувате“ – напиша кошаркарот Никола Калиниќ.

На тоа не останаа рамнодушни ни неговите фанови, кои продолжија со шеговитите досетки.

„Ајде, немој да не лажеш. Сите знаеме дека постигнуваш убави голови. Дојди во фудбалскиот тим на Фенербахче“ – му порача еден од неговите фанови.

Кошаркарот на Фенербахче ја прифати шегата и на тоа одговори:
„Ако ми дадат шанса. Ме викаа српски Јаја Туре кога бев млад“.

Се вчитува...