Фудбалскиот клуб Работнички стартот на новата сезона во Првата фудбалска лига на Македонија го одбележува со еден мошне значаен сегмент за иднината на клубот. Нов генерален спонзор на ФК Работнички е најголемата софтверска компанија, „Сеавус“.
Претседателот Драган Поповски, со огромно задоволство го потпиша договорот.
„Огромно задоволство е да ја имаме компанијата „Сеавус“ за генерален спонзор на ФК Работнички. Се надеваме дека ова е првиот и мошне значаен чекор за една долгогодишна и плодна соработка, со која клубот ќе се издигне на повисоко ниво. Веруваме дека еден така докажан партнер во бизнисот ќе има значајна улога и во растот на фудбалскиот клуб Работнички во сите сегменти. Сакаме да се заблагодариме за подадената рака и веруваме дека заеднички можеме да направиме многу за нашиот клуб. Нашата стратегија останува иста, максимална поддршка и развој на младинската фудбалска академија, како и аспирации за освојување на трофеи во сениорска конкуренција“, вели претседателот на ФК Работнички, Драган Поповски, за официјалниот сајт на клубот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА