Кикбоксерот Илиоски добитник на наградата „13. Ноември“ на Град Скопје

Кикбоксерот Бобан Илиоски, член на клубот Шампион од Скопје, е добитник на признанието „13. Ноември“ за најдобар спортист која ја доделува Сојузот на спортови на Град Скопје по повод ослободувањето на главниот град на Македонија.

Илиоски оваа година освои бронзен медал на ЕП во Братислава. Неговиот тренер и селектор на македонската кикбокс репрезентација, Дејан Митровски – Урко, пак го доби признанието за најдобар тренер.

Во екипна конкуренција признанието и припадна на машката ракометна екипа на Вардар, која минатата сезона повторно стигна до Ф4 турнирот од Лигата на шампионите, додека специјални признанија добија и спортските работници Никола Тасев, Перица Крстевски и Гордана Николовска.

Награда за животно дело замина во рацете на Венцислав Недев, Кочо Димитровски и Борче Брсаковски, додека признанието за најдобар спортски судија кај тенискиот арбитар Зоран Поповски.

Признанието „13. Ноември“ за спортски новинар го доби долгогодишниот новинар на „Нова Македонија„, Ласте Димитриевски, додека најуспешен професор по физичко образование за изминатава година е Мартин Мартиновски.

Посебно признание од Сојузот на спортови на Град Скопје доби и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски.

Се вчитува...