Рафаел Надал уште еднаш ја покажа својата хумана страна, откако донираше еден милион евра на лицата погодени од поплавите во Мајорка и околината. Елементарната несреќа се случи на 9 октомври и во неа животот го загубија 13 лица, а беше причинета и огромна материјална штета. Надал веднаш по несреќата се најде на улиците помагајќи да се расчисти хаосот, но тенисерот пред крајот на годинава реши и финансиски да помогне за санирање на штетите.
„Ова е помош од специјална личност која секојдневно ја покажува својата љубов кон земјата и сограѓаните. Неговата хуманост е уште поголема од неговите таленти и резултати, за кои сме сведоци на тениските терени“ – изјави Градоначалникот на Сант Лоренц, Матеу Пуигрос.
Надал претходно организираше и голф-турнир „Олазабал и Надал“ што беше од хуманитарен карактер, а сите собрани средства исто така беа насочени кон семејствата кои беа најпогодени од поплавите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА