Директорот на Агенцијата за Млади и Спорт, Дарко Каевски, не сака да навлекува во дискусии околу предвременото напуштање на настанот „Спортист на годината“ од страна на ланскиот лауреат Стојанче Стоилов, но Каевски посочува дека вчерашната манифестација воопшто не беше двојазична.
„Секој има право на свое сопствено убедување и на сопствена реакција на одредени ситуации, јас тука ниту сакам ниту можам да реагирам. Настанот воопшто не беше двојазичен, а јас како директор на АМС немам право никому да забранувам да се обрати на својот мајчин јазик. Би сакал акцентот да биде ставен на спортскиот дел на настанот и на лауреатите, а не на оваа несакана случка“ – истакна Каевски.
За потсетување, Стоилов ја напушти манифестацијата уште при доделувањето на првите две награди за училишен и за средношколски спорт кои ги добија училишта од Чаир и од Тетово. Тетовскиот добитник на признанието на присутните им се обрати на албански, па во тој моментот ракометниот репрезентативец револтирано си замина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА