Репрезентацијата на Русија ја потврди фаворитската улога и забележа сигурна победа против Кореја со 34-27 во второто коло од групата А на Светското првенство во Германија и Данска. За руската селекција која од клупата ја предводи спортскиот директор на Вардар, Едуард Кокшаров, ова е прва победа на Мундијалот по вчерашното стартно реми против Србија. За селекцијата на Кореја пак ова е втор пораз откако на стартот на првенството, го загубија и дуелот со Германија.
Русите доминираа на теренот во Берлин од почеток до крај на натпреварот. Уште по првите 30 минути избраниците на Кокшаров имаа предност од 20-13. И во второто полувреме Русија го имаше главниот збор на теренот и комплетна контрола на играта и на резултатот.
Најефикасен во победата на Русија беше ракометарот на Вардар, Данил Шишкарев со седум гола. Во репрезентацијата на Кореја прв стрелец беше Парк Кванг-Сон со четири погодоци.
Во првиот денешен натпревар во групата Ц, репрезентацијата на Чиле приреди изненадување совладувајќи ја Австрија со 32-24. Австријците имаа гол предност на полувремето (15-14), но избраниците на слеекторот Матео Гаралд одиграа извонредно концентрирано во вториот дел, направија пресврт и на крај славеа убедлива победа. Браќата Фучман со по шест гола беа ударна сила во нападот на Чиле.
Денеска на програмата се уште четири натпревари на СП. Во групата Б во Минхен во која настапува Македонија, денеска е слободен ден.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА